Информативната сесија за системот „Безбеден град“ (Safe City) ќе се одржи во понеделник, 16 февруари, во канцеларијата на AmCham, со почеток во 10:00 часот. Сесијата има за цел да им помогне на компаниите да ги разберат и да ги исполнат новите регулаторни обврски воведени со системот „Безбеден град“ и ќе претставува одлична можност за деловните субјекти – особено за оние што управуваат со комерцијални возила – да добијат информации од прва рака за новите барања.
Сесијата ќе ја одржи г. Оливер Деркоски, државен советник во Кабинетот на министерот за внатрешни работи, кој ќе сподели практични сознанија за регулаторната рамка и нејзините импликации врз деловните субјекти.
Секој нов систем носи нови прашања, а официјалното пуштање во употреба на системот „Безбеден град“ не е исклучок.
Со цел да им дадеме поддршка на нашите членови и партнери во текот на оваа значајна реформа, организиравме информативна сесија со претставници на Министерството за внатрешни работи, во согласност со нашиот принцип дека суштинските системски промени се градат врз основа на цврсти партнерства. На сесијата беа споделени информации од прва рака за обврските со кои се соочуваат компаниите согласно новата регулатива за „Безбеден град“, како и преглед на иницијативите што Министерството ги планира во таа област.
Изразуваме искрена благодарност до претставниците на Министерството за нивната отвореност и подготвеност за конструктивна дискусија. Воедно, им благодариме на нашите членови за нивната масовна присутност и значаен придонес.


